Први симптоми на бременост | За Здравје


ЗНАЦИ И СИМПТОМИ

Први симптоми на бременост

Најраните симптоми на бременост се појавуваат во првите неколку недели по зачнувањето. Можете да очекувате гадење, осетливост и болка во градите, вртоглавици и промени во расположението.



Дали сте бремени? Доказот за тоа лежи во тестот за бременост. Но, дури и пред да ви заостане менструацијата, можете да се сомневате или да се надевате дека сте бремени. Кај некои жени, раните симптоми на бременост започнуваат во првите неколку недели од зачнувањето.



Класични симптоми на бременост



Како дополнение на изостанокот на менструацијата, раните симптоми на бременост може да вклучуваат:



· Гадење со и без повраќање. Утринската мачнина, која што може да се појави и во било кој дел од денот или ноќта, понекогаш започнува по третата недела од бременоста. Гадењето во еден дел се должи на рапидното зголемување на естрогенот и прогестеронот кои како последица даваат забавено празнење на стомакот. Бремените жени исто така имаат зголемен сенс за мирис, па така разлините мириси како што е мирисот на храна која што се подготвува, парфем или мирисот на чадот од цигари можат да предизвикаат бранови на гадење во раната бременост.



· Осетливи, потечени гради. Вашите гради можат да ви ги кажат првите симптоми на бременост. По првите две до три недели од зачнувањето, хормонските промени се рефлектираат на градите предизвикувајќи нивна отеченост, осетливост на допир или чувство на поголема исполнетост и тежина.



· Зголемено уринирање. Уринирањето станува почесто од вообичаено, особено во текот на ноќта.



· Замор. Заморот е исто така еден од раните знаци и симптоми на бременоста. За време на раната бременост, нивоата на хормонот прогестерон се зголемуваат и како резултат се јавува поспаност. Истовремено, пониските нивоа на шеќерот во крвта, намалениот крвен притисок и зголеменото производство на крв можат да ви ја намалат енергијата и да предизвикаат чувство на зголемен замор.



· Аверзија кон храна или зголемен апетит. Кога сте бремени, можно е да ви се јави аверзија кон кафе или пржена и печена храна. Секако, се јавува и другиот екстрем во смисла на зголемен апетит. Како и повеќето други симптоми на бременоста, симптомите по однос на храната се должат на хормоналните промени – особено во првиот триместар, каде што и се најмногу изразени.



Други симптоми на бременост



Понекогаш, симптомите на бременост не се многу јасни или очигледни. Ако сте бремени, можете да ги имате и следните симптоми:



· Слабо крварење или грчеви. Понекогаш, малата количина на крв, вообичаено е само една точка, претставува еден од првите симптоми на бременост. Познато како крварење при “имплантација“, се случува кога оплодената јајце клетка се прикачува кон обвивката на утерусот (матката) отприлика 10 – 14 дена по оплодувањето. Овој тип на крварење е точкест и е со посветла боја за разлика од нормалната менструација и не трае долго. Кај некои жени, во раната бременост се чувствуваат и абдоминални грчеви кои што се слични на грчевите при менструација.



· Промени во расположението. Напливот на хормони во телото во раната бременост може да направи да се чувствувате невообичаено емоционални и плачливи. Промените на расположението се карактеристични и најмногу изразени во првиот триместар.



· Вртоглавица. Како што крвните садови дилатираат и крвниот притисок паѓа, може да почувствувате вртоглавица. Исто така, во раната бременост може да очекувате дури и несвестица која што е тригерирана од нискиот шеќер во крвта.



· Констипација. Зголемувањето на прогестеронот предизвикува поспоро движење на храната низ гастроинтестиналниот тракт што доведува до констипација во раната бременост.



Како дополнение на сите претходно напоменати знаци и симптоми, вашата базална температура кога ќе се разбудите може да ви ги каже раните знаци за бременоста. Базалната температура малку се зголемува веднаш по овулацијата и останува на тоа зголемено ниво се до следната менструација. Ако ја мерите вашата базална температура и истата ја запишувате за да одредите кога сте во овулација, нејзиното континуирано зголемено ниво за повеќе од две недели може да значи дека сте бремени.



Дали сте навистина бремени?



За жал, сите овие знаци и симптоми не се уникатни за секоја бременост и немора да значи дека ако ги имате навистина сте бремени. Некои од знаците можат да наведат дека започнувате да се разболувате или дека започнува менструацијата. Секако, можете да бидете бремени и без да почувствувате ниту еден од наведените знаци и симптоми.



Сепак, ако ви изостане менструацијата и почувствувате некои од наведените знаци, направете тест за бременост. Направете го тестот особено ако не го бележите менструалниот циклус или истиот варира од месец за месец. Ако тестот за бременост излезе позитивен, јавете се кај вашиот матичен гинеколог. Колку што порано се потврди бременоста, толку порано може да се започне со пренатална грижа.



Автор: За Здравје

ЗА ЗДРАВЈЕ NEWSLETTER